Прејди на содржината

Македонски парламентарни избори (2016)

Од Википедија — слободната енциклопедија
Македонски парламентарни избори (2016)
Македонија
2014 ←
11 декември 2016 → 2020
→ избрани пратеници

120 мандати во Собранието
61 места за мнозинство
Регистрирани 1.784.416
Излезност 66,79 3,8 %
  Прва партија Втора партија Трета партија
 
Водач Никола Груевски Зоран Заев Али Ахмети
Партија ВМРО-ДПМНЕ СДСМ ДУИ
Водач од 2003 2013 2002
Последни избори 61 место 34 места 19 места
Освоени места 51 49 10
Промена во местата 10 15 9
Добиени гласови 454.577 436.981 86.796
Удел 38.14% 36.66% 7.28%

  Четврта партија Петта партија Шеста партија
 
Водач Билал Касами Зијадин Села Мендух Тачи
Партија Движење Беса Алијанса за Албанците ДПА
Водач од 2014 2015 2007
Последни избори 7 места
Освоени места 5 3 2
Промена во местата 5 3 5
Добиени гласови 57.868 35.121 30.964
Удел 4.86% 2.95% 2.60%

Резултати од изборите по изборни единици
     ВМРО-ДПМНЕ      СДСМ      ДУИ      БЕСА      Алијанса за Албанците      ДПА

премиер пред изборите

Емил Димитриев
ВМРО-ДПМНЕ

Избран за премиер

Зоран Заев
СДСМ

Предвремените парламентарни избори во 2016 година — избори кои се одржале на 11 декември 2016 година.

Политичка криза

[уреди | уреди извор]

На 31 јануари 2015 година премиерот Никола Груевски, на прес-конференција објавил дека добивал закани од водачот на опозицијата Зоран Заев за објавување на нелегално добиен материјал од странска разузнавачка служба. Започнувајќи од 9 февруари 2015 година водачот на опозицијата, Зоран Заев, преку проектот „Вистината за Македонија“ започнал со објавување на прислушкуваните разговори (т.н. „бомби“), за кои тој обвинил дека власта незаконски ги прислушкувала граѓаните.[1] На 5 мај започнале протести по објавувањето на снимката за убиството на Мартин Нешковски. На 12 мај оставки си поднеле Гордана Јанкуловска од функцијата министер за внатрешни работи, Миле Јанакиевски од функцијата министер за транспорт и врски и Сашо Мијалков од функцијата директор на УБК по вооружената престрелка во Куманово. По големиот протест на СДСМ и на „Граѓаните за Македонија“ на 17 мај, опозицијата пред зградата на Владата постави шатори, а камперите таму останаа до 16 јули, со барање премиерот Никола Груевски да си замине од власт.

Пржински договор

[уреди | уреди извор]

На 2 јуни 2015 во Пржино бил постигнат договор од страна на водачите на четирите најголеми партии за разрешување на политичката криза. Договорот предвидел враќање на СДСМ во парламентот, нови министри за внатрешни работи и за труд и социјална политика предложени од страна на СДСМ и одржување на предвремени парламентарни избори. На 15 септември Советот на јавни обвинители на предлог на Собранието ја избрал Катица Јанева за специјален јавен обвинител за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите. СДСM, според договорот од Пржино, доби двајца министри во техничката влада за спроведување на изборите. Оливер Спасовски станал министер за внатрешни работи, Фросина Ременски за труд и социјална политика, а Љупчо Николовски, Александар Кирацовски и Кире Наумов станале дополнителни заменици-министри во министерствата за земјоделство, информатичко општество и за финансии. На 30 декември 2015 Заев ги предал материјалите од незаконското следење на комуникациите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО).

Согласно договорот од Пржино, на 18 јануари премиерот Никола Груевски поднел оставка, по речиси десет години на функцијата, а на негово место дошол генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Емил Димитриев, кој бил технички премиер за спроведување на изборите. На 12 февруари СЈО отворило истражна постапка за својот прв случај, под кодно име „Титаник“, за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, поткуп при избори, уништување на изборни материјали и злоупотреба на средства за изборна кампања за локални избори во 2013.

На 12 април 2016 претседателот на државата, Ѓорге Иванов, донел општ акт за прекинување на сите кривични постапки што се водат против политичари и функционери во Република Македонија, и од власта и од опозицијата, со кој помилувал вкупно 56 лица. По одржаните протести во наредните денови, на 27 мај претседателот ја повлекол одлуката за помилување за 22 најекспонирани политичари, а на 6 јуни и сите преостанати одлуки за помилување. На 14 јуни оставка си поднел вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески.[2]

Разрешница на кризата

[уреди | уреди извор]

На 18 октомври 2016 претседателот на Собранието Трајко Вељаноски донел решение за распишување на предвремени парламентарни избори.[3] Изборната кампања започнала на 21 ноември и завршила на 10 декември, на денот на изборен молк. Кампањата на СДСМ била насловена „За живот во Македонија“, додека ВМРО-ДПМНЕ се претставила со програмата „Реално“. Изборите биле одржани на 11 декември.[4]

Изборен модел

[уреди | уреди извор]

За овие избори се применува пропорционален модел со затворени листи. 120 пратеници се избираат во шест изборни единици, по 20 од секоја, при што мандатите се распределуваат според Донтовиот метод.

Промени во моделот имаше за гласањето на дијаспората. Бидејќи на претходните избори, тројцата пратеници од дијаспората се избираа со помалку гласови отколку пратениците во Република Македонија, овој пат дијаспората наместо во три, гласаше во една (седма) изборна единица. Првиот пратеник во седмата изборна единица која ги опфаќа Европа, Африка, Северна и Јужна Америка, Австралија и Азија е избран доколку списокот на кандидати за пратеници освоила најмалку онолкав број на гласови со коишто е избран пратеник со најмал број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори во Република Македонија, вториот пратеник е избран доколку списокот на кандидати за пратеници освоила двојно поголем број на гласови, а третиот со тројно поголем број на гласови од бројот на гласови со коишто е избран пратеник со најмал број на гласови во изборните единици во Република Македонија на последните парламентарни избори во Република Македонија. Доколку ниту една од листите на пратеници не го добила потребниот број на минимум гласови не се избира ниту еден пратеник.

Според избирачкиот список составот на гласачите е следниов:[5]

Гласачи: Број
за гласање во Република Македонија 1.531.368
кои согласно евиденцијата на надлежен орган се на привремена работа или престој во странство, а не поднеле пријава за гласање во Дипломатско-конзуларните претставништва или Конзуларни канцеларии, вклучувајќи ги и граѓаните за кои се смета дека се на привремена работа или престој во странство, а кои не поднеле пријава за гласање во ДКП или КК 230.122
кои за време на изборите се наоѓаат на издржување казна затвор или се во притвор 2.015
кои согласно евиденцијата на Министерството за труд и социјална политика се водат како внатрешно раселени лица 13
кои поднеле пријава за гласање во Дипломатско-конзуларните претставништва или Конзуларни канцеларии на Република Македонија во странство 20.573
членови и заменици членови на избирачки одбори кои ќе го спроведуваат гласањето во Дипломатско-конзуларните претставништва или Конзуларни канцеларии на Република Македонија во странство 325
Вкупно 1.784.416

Учесници на изборите

[уреди | уреди извор]

Според утврдените листи на кандидати за пратеници во изборните единици 1,2,3,4,5 и 6 биле предложени и утврдени 58 листи со вкупно 1.160 кандидати за избор на пратеници во Собранието на Република Македонија, а во изборната единица 7 се предложени и утврдени 4 листи со вкупно 12 кандидати за изборн а пратеници во Собранието на Република Македонија. На изборите учествувале 5 коалиции, а самостојно учествувале 6 партии. Во коалиција односно самостојно учествувале вкупно 53 партии.

Партии и коалиции (според реден број):

  1. ВМРО-ДПМНЕ, Социјалистичка партија на Македонија, Демократска партија на Србите во Македонија, Сојуз на Ромите од Македонија, Партија на правдата, Граѓанска опција за Македонија, Странка на демократска акција на Македонија, Партија на Власите од Македонија, Партија за интеграција на Ромите, Работничко-земјоделска партија, ТМРО, Македонска акција, Нова либерална партија, Партија на обединети демократи на Македонија, Македонска алијанса, Демократска партија на Турците на Македонија, ВМРО-ДП, Демократска Бошњачка партија, Демократска партија на Ромите, Социјалдемократска унија, Роми обединети од Македонија, Сојуз на Титови леви сили, Обединета партија за еднаквост на Ромите, Движење за национално единство на Турците во Македонија, Демократски сили на Ромите
  2. Демократска партија на Албанците
  3. Демократска унија за интеграција
  4. СДСМ, Нова социјалдемократска партија, Либерално-демократска партија, Партија за движење на Турците во Македонија, Нова алтернатива, Демократски сојуз на Власите од Македонија, Српска странка во Македонија, Партија за економски промени, Партија на обединети пензионери, Партија за европска иднина, Алијанса за позитивна Македонија, Демократска обнова на Македонија, Српска напредна странка во Македонија, Партија за целосна еманципација на Ромите
  5. „Коалиција за промени и правда - Трет блок“ (Демократски сојуз, Фронт за демократска Македонија, Демос, МОРО-Работничка партија)
  6. Партија за демократски просперитет
  7. Коалиција „Алијанса за Албанците“ (Движење за реформи - ДПА, Единство, Национална демократска преродба)
  8. Либерална партија на Македонија
  9. Коалиција „ВМРО за Македонија“ (ВМРО-Народна партија, Достоинство, Обединети за Македонија)
  10. Движење Беса
  11. Левица

Финансирање на кампањата

[уреди | уреди извор]
Политичка партија: ТВ Рекламна кампања Митинзи, средби со граѓани, транспорт Програма, пропагандни материјали Закуп на простории Печатени медиуми Надворешно рекламирање Онлајн Вкупно
ВМРО-ДПМНЕ и други 24.189.012 23.952.500 24.750.000 1.617.600 5.128.330 7.427.700 2.357.000 89.421.130
СДСМ и други 26.968.854 17.986.500 25.650.000 1.432.000 971.124 9.240.000 2.100.000 84.348.478
ДУИ 15.108.963 3.155.000 10.780.000 100.000 0 4.628.000 120.000 33.891.963
Беса 4.374.636 985.000 0 0 0 264.000 10.000 5.633.636
ВМРО за Македонија 2.244.285 1.855.000 0 110.000 0 360.000 0 4.569.285

Резултати

[уреди | уреди извор]
49 10 3 51 5 2
За живот во Македонија ДУИ АА За подобра Македонија БЕСА ДПА
ПартијаГласови%Места+/–
ВМРО-ДПМНЕ и коалиција "За подобра Македонија"454.57739.3951−10
Социјалдемократски сојуз на Македонија и коалиција "За живот во Македонија"436.98137.8749+15
Демократска унија за интеграција86.7967.5210−9
Движење Беса57.8685.015нова партија
Алијанса за Албанците35.1213.043нова партија
Демократска партија на Албанците30.9642.682−5
ВМРО за Македонија24.5242.1300
Левица12.1201.050нова партија
Коалиција за промени и правда10.0280.870нова партија
Либерална партија на Македонија3.8400.3300
Партија за демократски просперитет1.1430.1000
Вкупно1.153.962100.00120−3
Важечки ливчиња1.153.96296.82
Неважечки/празни ливчиња37.8703.18
Вкупно гласови1.191.832100.00
Запишани избирачи/излезност1.784.41666.79
Извор: ДИК

Резултати по изборни единици

[уреди | уреди извор]
Резултати по изборни единици
Изборна единица ВМРО-ДПМНЕ СДСМ ДУИ Беса АА ДПА
Гласови % Гласови % Гласови % Гласови % Гласови % Гласови %
ИЕ 1 72,842 33.44% 92,247 42.35% 12,890 5.92% 11,597 5.32% 3,769 1.73% 4,851 2.23%
ИЕ 2 73,712 36.15% 69,842 34.25% 16,868 8.27% 16,119 7.90% 6,051 2.97% 5,938 2.91%
ИЕ 3 102,829 50.36% 81,204 39.77% 1,142 0.56% 587 0.29%
ИЕ 4 101,617 47.96% 94,780 44.73% 481 0.23%
ИЕ 5 72,340 38.51% 71,020 37.81% 13,982 7.44% 5,163 2.75% 7,355 3.92% 3,426 1.82%
ИЕ 6 26,193 16.58% 25,986 16.45% 40,547 25.67% 24,989 15.82% 17,946 11.36% 16,162 10.23%
ИЕ 7 5,044 61.27% 1,902 23.10% 886 10.76%
Вкупно 454,577 38.14 436,981 36.66 86,796 7.28 57,868 4.86 35,121 2.95 30,964 2.60
Извор: ДИК

Распределба на мандатите

[уреди | уреди извор]
Изборна единица ВМРО-ДПМНЕ СДСМ ДУИ Беса АА ДПА Вкупно
ИЕ 1 8 10 1 1 0 0 20
ИЕ 2 9 8 2 1 0 0 20
ИЕ 3 11 9 0 0 0 0 20
ИЕ 4 10 10 0 0 0 0 20
ИЕ 5 9 9 1 0 1 0 20
ИЕ 6 4 3 6 3 2 2 20
ИЕ 7 0 0 0 0 0 0 0
Вкупно 51 49 10 5 3 2 120
Извор: ДИК[6]

Реакции по изборите

[уреди | уреди извор]
Политичар Изјава
Зоран Заев „Почитувани граѓани, радувајте се, славете го животот. Режимот падна. Нека разбере целиот свет – Македонија испиша светска историја, падна режим со пенкало, со глас. Бидете среќни и горди. Ќе имате што да им кажете и на децата и на внуците. Јас се гордеам со вас. Македонија е среќна земја. Од денеска Македонија отвора нова страница, за европерспективи, со убава иднина за живот на сите нејзини граѓани.“
Никола Груевски „ВМРО-ДПМНЕ имаше тежок противник на овие избори и затоа победата има посебна тежина и важност, особено кога ќе се види низ што се поминавме како партија, и како држава. Бројот на гласови за ВМРО-ДПМНЕ е во рамки на константна поддршка, а имаше изненадувања кај албанскиот електорат. СДСМ доби значителна поддршка од албанскиот електорат, но од анализите ќе извлечеме заклучоци и поуки.“
Али Ахмети „ДУИ секогаш апелирал кај нивниот електорат, кај Албанците и од нив барал да не се парцијализираат, партизираат во мали партии, бидејќи ќе бидат губитници. Секогаш ги повикувавме малите партии да бидат заедно, да го победат ДУИ, а да не изгубат Албанците. Со гнев велам дека Албанците изгубија мандати. ДУИ победи на избори, но мене секогаш ме интересирало да победат Албанците во прв ред, и не ме радува победата на ДУИ.“
Мендух Тачи „Одговорноста за лошиот резултат на ДПА на изборите ја преземам целосно јас како претседател на партијата и од срце им се заблагодарувам на сите наши активисти што го направија невозможното. Но, има и една голема победа – конечно ДУИ ги загуби катастрофално изборите кај Албанците. Победници на овие избори се Движењето Беса. Искрено им честитам и им кажувам дека ја имаат поддршката од ДПА. Нашите пратеници ќе ги поддржат без никакви услови.“
Од завршувањето на изборите до формирањето на Владата поминале 171 ден, што претставува рекорден период до тогаш.

Мандатите на пратениците биле заверени на основачката седница на Собранието одржана на 30 декември. На 9 јануари 2017. Иванов го доделил мандатот за формирање влада на Груевски, но Груевски не успеал во уставно предвидениот рок од 20 дена да состави влада.

Заев успеал да оформи парламентарно мнозинство преку коалиција на СДСМ со ДУИ, Беса, и коалицијата Алијанса за Албанците, по што на 27 февруари доставил 67 пратенички потписи до Иванов за добивање мандат. Талат Џафери бил избран за собраниски претседател на 27 април 2017 после 20 продолженија на конститутивната седница. По изборот на Џафери следуваше упад во Собранието на околу 300 демонстранти, чиј исход беа и неколку претепани пратеници. Зоран Заев го добил добил мандатот за состав на влада од страна на претседателот Иванов на 17 мај, по испорачаната изјава со гаранција за зачувување унитарноста на државата. На 31 мај била изгласана новата македонска влада, 171 ден по завршувањето на изборите.

  1. „Заев ја фрли првата „бомба", деновиве следуваат нови“. Фокус. 2015-02-09. Посетено на 2016-11-20.
  2. „Министерот Ставрески поднесе оставка“. Deutsche Welle. 2016-06-14. Посетено на 2016-11-22.
  3. „Решение за распишување предвремени избори за пратеници во Собранието на Република Македонија – 11.12.2016 година“. Државна изборна комисија. 2016-10-18. Посетено на 2016-11-20.
  4. „Решение за распишување на предвремени избори за пратеници во собранието на РМ“
  5. „Одлука за заклучување на Избирачкиот список“. Државна изборна комисија. 2016-11-28. Посетено на 2016-12-06.
  6. https://www.sobranie.mk/content/%D0%98%D0%B7%D0%B1%D0%BE%D1%80%D0%B8/Izvestaj-Izbori%20dekemvri%202016.pdf

Надворешни врски

[уреди | уреди извор]